Движењето за правда и еднаквост, најголемата бунтовничка група во Дарфур, соопшти дека ги прекинува мировните преговори со суданската Влада додека таа не дозволи враќање на хуманитарните групи протерани од тој регион.
- Движењето не може да преговара со Владата на претседателот Омар Хасан ал-Башир, изјави лидерот на движењето Халил Ибрахим.
Суданската Влада протера 13 меѓународни и три локални хуманитарни групи од западниот дел на земјата овој месец бидејќи тие, како што истакна, соработувале со Меѓународниот кривичен суд во Хаг, кој издаде потерница по суданскиот претседател поради воени злосторства.
Протерувањето би можело да предизвика хуманитарна криза во три бегалски кампови во Дарфур, наведуваат хуманитарните организации.
Минатиот месец Движењето за правда и еднаквост и суданската Влада во Доха потпишаа договор кој вклучуваше план со мерки за воспоставување меѓусебна доверба.
Според податоците на ОН, за шест години во судирите на бунтовниците и Владата во Дарфур загинале 300.000 луѓе.