Поранешниот американски потпретседател Ал Гор за ноември го најави излегувањето на неговата нова книга за климатските промени „Нашиот избор“, која ќе ја наследи познатата „Непријатна вистина“ објавена во 2006 година.
Новата книга на Гор ќе ја објави издавачката куќа Rodale Books на рециклирана хартија. Книгата „Непријатна вистина“ на милиони читатели ширум светот им ја пренесе пораката на авторот по однос на глобалното затоплување кое и се заканува на целата планета, како и потребата за решавање на проблемот.
„Сега кога е најпотребно да се делува од било кога, после загрижувачките вести од минатите три години, време е да се донесе план на светско ниво“, додава Ал Гор.
Кампањата која ја покрена Гор после излегувањето на првата книга и документарниот филм кој ја следеше му ја донесоа Нобеловата награда за мир во 2007-ма година. Новата книга на екс потпретседателот ќе се најде во книжарите на 3-ти ноември.