-->

Обама со видео порака до иранскиот народ и влада


Американскиот претседател Барак Обама испрати видео-порака од иранскиот народ и Влада во која се наведува дека Вашингтон сака да стави крај на децениското непријателство.

Пораката е испратена синоќа пред почетокот на еден од најголемите ирански празници „Новруз“ (нов ден) со кој се одбележува доаѓањето на пролетта.

- Во период на нов почеток би сакал да им се обратам на иранските лидери. Меѓу нас има сериозни различни ставови, кои со времето се продлабочуваат. Но, мојата администрација оценува дека треба да и се даде примат на дипломатијата, која би ги решила сите проблеми меѓу нас и да бара пат кон конструктивни врски меѓу САД, Иран и меѓународната заедница, истакнува Обама.

Тој потенцира дека напредок во таквиот процес ќе има само ако се бараат взаемноприфатливи решенија, а не да се користат закани.

- Вие исто имате избор. САД сакаат Исламската Република Иран да го заземе своето место во заедницата на нациите. Вие го имате тоа право, но до тоа место не може да се стигне со терор или оружје туку со мирни дејствија, кои се виситинската големина на иранскиот народ и на иранската цивилизација, вели Обама во видео-пораката.

Нестандардната порака на Обама не е само повик до иранската Влада туку и кон иранскиот народ и политичките сили во земјата кои буи можеле да придонесат за промена на непријателството на иранските политичари и верски лидери.

- Иран позитивно ја прими пораката на претседателот на САД, Барак Обама, но сака конкретни чекори за исправање на грешките од минатото, изјави Али Акбар Џавенфекр, советник за односи со јавност на претседателот Махмуд Ахмадинеџад.

 

Copyright © 2009 selotejp.com