-->

Капиталот на Маркс како мјузикл


Најпознатото дело на Карл Маркс ќе доживее своја театарска верзија – и тоа во форма на мјузикл. Премиерата се најавува за 2010 година во кинескиот театар во Шангај.

Во Кина се подготвува нова, оперска верзија на “Капитал“, прочуеното дело на германскиот филозоф и економист Карл Маркс.

„Пролетери од сите земји, обединете се во љубовта кон операта“, започнува текстот на Дејли Телеграф, кој пишува дека “револуционерите, по правило со презир гледале на мјузиклот како на буржоаска уметничка форма“.

Режисерот Хе Ниан сака да создаде поучна и интересна театарска претстава со пејачи, танчери и оркестар, а за адаптацијата ќе црпи искуства од традицијата на бродвејските мјузикли, спекаткли какви што приредува Лас Вегас и сето тоа ќе биде вклопени со елементи од јапонските манга стрипови направени токму за Капитал.

Идејата на сцена да се постави овој невообичаен спектакл е поттикната од големиот успех што во Јапонија го доживеа стрипот за капиталното дело на Маркс, со кое практично е воспоставена политичката економија како наука.

„Капиталот“ прв пат е отпечатен во 1867 година, а по појавата на финансиската и економската криза, стручњаците, но и пошироката публика повторно ја откриваат критиката на Маркс на политичката економија.

 

Copyright © 2009 selotejp.com