Фармерите од менаџерскиот тим на „Сведмилк“ денеска ќе побараат да потпишат договори за откуп на млеко со „Феникс енерџи“.
- Во текот на денот очекуваме, по наше барање, да се состанеме со менаџерите на млекарницата. Ќе предложиме да се потпишат нови договори, но со „Феникс енерџи“, а не со „Сведмилк“. Не ни` е јасно како и понатаму некој сака да го презема нашето млеко под „Сведмилк“ кога оваа фирма воопшто не постои, велат фармерите.
Тие негираат дека „Сведмилк“ минатата недела префрли 400.000 евра за исплата на дел од вкупниот долг.
- Лажат дека префрлиле пари. Можеби ги исплатиле оние фармери што го продаваа млекото на пунктовите, во помали количини и на кои им должат помали суми. Не веруваме ниту на последното ветување дека наводно во целост ќе ни го исплатат млекото земено во јануари и февруари и дека наеднаш ќе подмират 20 отсто од вкупниот долг за последните осум месеци, истакнуваат производителите.
На некои од нив, посочуваат фармерите, „Сведмилк“ им должи и по 500.000 евра.
Млекопроизводителите во петокот протестираа пред Владата. Бараа средба со премиерот Никола Груевски со цел изнаоѓање конкретно решение околу исплатата. Попладнето се префрлија пред „Сведмилк“, но не беа примени од менаџерите.
„Сведмилк“ на фармерите им должи повеќе од 3,5 милиони евра.