Прилично уверливи гласини велат дека Apple подготвува нов производ - мал преносен компјутер со дисплеј осетлив на допир.
Гласината потекнува од компанијата Wintek, која за Apple произведува дисплеи осетливи на допир, со дијагонала помеѓу 9 и 11 инчи.
Како и сите гласини поврзани со Apple и оваа може да се протолкува како погрешна, но сега и други извори почнаа да потврдуваат дека Apple работи на развој на сличен netbook.
iPhone им ги отвори очите на многу скептици на пазарот и им покажа дека создавањето на компјутер со тач-скрин и тастатура со виртуелни копчиња воопшто не е невозможна мисија. Истовремено, се повеќе расте потребата за ефтини и мали преносни компјутери (т.н netbooks), па идејата за искористување на технологијата на iPhone и воведување во некој netbook изгледа како сосема логичен потег на Apple.
Корисниците се повеќе имаат потреба од тенок и лесен лаптоп, со дијагонала од околу 11 инчи, без тастатура (внесот на податоци би можел да се врши преку виртуелната тастатура слична на онаа од iPhone) и со доволно голема резолуција (да речеме 1.200 х 800 пиксели) која би им овозможила непречено прегледување на бараните веб страници. Повеќето аналитичари веќе предвидуваат појавување на ваков уред на пазарот, но бројните полемики се околу тоа дали еден netbook треба да има вистинска или виртуелна тастатура.
Но, со обзир на тоа дека сеуште не се познати конкретните детали од Apple, ова предвидување вреди исто како и секое друго. Останува да видиме наскоро што ќе се појави од мајсторските работилници на Apple.