Од почетокот на исплатата на субвенциите во земјоделството до денеска се исплатени 973 милиони денари на 65.600 земјоделци кои поднесоа барања до првиот рок за пријавување, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Земјоделците ги добиваат субвенциите за растително производство, односно за засеани површини со есенски житни култури (пченица и јачмен), за сертифициран семенски материјал, како и финансиска поддршка за произведен и продаден ориентален ситнолисен тутун од реколта 2008 година.
Во сточарството се исплаќа финансиската поддршка за обележани грла говеда буша и друга мешавина од различни раси, за обележани грла говеда од холштајнизирано фризиско, сименталско, монтаафонско, оберинталско, товни раси говеда и биволи, како и поддршката за произведено и продадено кравјо млеко. Субвенции се исплаќаат и за семејни земјоделски стопанства во подрачја со отежнати услови на произаводство и за семејни земјоделски стопанства со носител млад земјоделец или жена.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство истакнуваат дека исплатата продолжува и оти е во тек пријавувањето во подрачните единици на Министерството за другите мерки за кои рокот за пријавување е 31 мај годинава.