Правејќи театар, се учиме да го видиме тоа што е очевидно но не го гледаме, бидејќи немаме навика да гледаме. Тоа што ни е секојдневно останува невидливо за нас. Да се прави театар значи да се фрли светлина на сцената од нашиот секојдневен живот.
Ова е дел од меѓународната порака по повод Светскиот ден на театарот 27 Март, која годинава ја напиша познатиот бразилски театарски режисер, драмски писател и политичар Аугусто Боал.
- Кога гледаме подалеку од привидното, здогледуваме угнетувачи и угнетени во сите општества, во етничките заедници, кај половите, класите и кастите. Гледаме еден неправеден и суров свет. Треба да креираме еден поинаков свет, зашто знаеме дека е тоа возможно. Нам ни е дадена привилегијата да создадеме поинаков свет со наши раце, на сцената и во животот, истакнува Боал.
Македонската порака по повод Светскиот ден на театарот оваа година ја напиша Ѓорѓи Јолевски, актер на Македонскиот народен театар. Во неа тој, меѓу другото, нагласува дека театарот е идеална уметничка творба која нуди средба со самиот себе.
- Театарот е магија која е многу конкретна во своето предупредување, коментирање на реалноста но и дијагностицирање на аномалиите на таканаречената реалност...Актер сум и светот го гледам преку призмата на театарот. Тоа е местото каде што се чувствувам жив. Местото каде што можам слободно да дишам. И да верувам дека мојот партнер – гледачот, после добиената доза волшепство, ќе се врати во својот свет променет, наведува Јолевски во својата порака.
Одбележувањето Светски ден на театарот е иницирано на 9. Светски конгрес на Интернационалниот театарски институт - ИТИ на УНЕСКО во јуни 1961 година, а од наредната година тој се слави на 27 март - датумот кога е отворена сезоната на „Театарот на нациите“ во Париз. Денес тој на различни начини се одбележува од речиси сто национални центри на ИТИ.
Интернационалниот театарски институт ИТИ е основан во 1948 од УНЕСКО и е најважната меѓународна невладина организација во областа на изведувачките уметности. ИТИ настојува да ја промовира интернационалната размена на знаења, да го стимулира творештвото и да ја зголеми соработката меѓу театарските луѓе и заемното разбирање со цел да се зајакне мирот и пријателството меѓу народите.
Настаните што низ светот се организираат на Светскиот ден на театарот се обид да се остварат тие цели. Интернационалната порака се преведува на повеќе од 20 јазици и им се чита на гледачите пред претставите во театрите низ светот. Жан Кокто е автор на првата меѓународна порака во 1962 година. Од 1997 Македонскиот ИТИ центар го одбележува Светскиот ден на театарот и со македонска порака.