Поради простиот механизам за отворање на покривот, и покрај тоа што не се зголемени димензиите, простор има како во обичниот модел. Платнениот покрив многу лесно ќе може да се смести во задниот крај на возилото (со доплата електронски), како во старите добри кабриолети, не зафаќајќи простор во багажникот. Истиот ќе се нуди во три бои – слонова коска, црвена и црна, па заедно со многуте бои на каросеријата, дезени ќе има за сечиј вкус.
Моторизацијата ќе биде иста како на обичниот модел – бензинци 1,2 со 69 КС, 1,4 со 100 КС и дизелот Multijet 1,3 со 75 КС. Сите мотори ќе се нудат со мануелни менувачи со пет степени, додека бензинците ќе можат да се порачаат и со роботизирани автоматски со пет степени на пренос.
Како дополнителна опрема ќе се нуди и Start&Stop системот, кој автоматски го гасне моторот кога автомобилот ќе застане во место и возачот ќе ја отпушти спојката.
Fiat 500C премиерата ќе ја доживее на саемот во Женева, додека продажбата би почнала на лето. Цените засега не се познати.