-->

Може да посрамоти и Ferrari – Brabus G – Class со 700 КС

Најпознатиот тјунер за автомобилите на Mercedes го претстави своето ново чедо, G – Class S Biturbo V12, теренец кој до стотка ќе спринта за 4,3 секунди, а има 700 КС и камионски 1.320 Nm под хаубата.


Моторот со 12 цилиндари во V изведба кој Brabus го одбраа за преработка, сега има зафатнина од 6,3 литри (5,5 литри претходно) и развива 700 КС со помош на два турбо полначи. Бројката за силата и не е воопшто импресивна покрај податокот на вртежниот момент – со 1.320 Nm при само 2.100 врт/мин возачите на овој тенк на четири тркала треба да пазат при стартовите да не ја изместат земјата од својата оска на вртење! Најверојатно и поради тоа Brabus го има електронски ограничено на 1.100 Nm!

Моќта на оваа ѕверка најубаво се покажува преку перформансите – 4,3 секунди до 100 km/h за автомобил што тежи преку два тони е поимпресивно и од максималната брзина на Bugatti Veyron! Секако, максималната брзина на Brabus G-Class изнесува само 240 km/h и е ограничена, но тој без проблем може да се валка и во кал и снег, за разлика од “супер” автомобилите кои во зима си седат во гаража.

Покрај измените во погонот, изменета е и суспензијата, која сега може да поднесе многу поголеми оптоварувања во кривините, но измени има и во надворешниот изглед. Први на очи паѓаат тркалата, кои ќе можат да се нарачаат во големина од 20 до 22 инчи, а за да се следи трендот, напред, по теркот на Audi, вградени се LED дневни светла.


Внатрешноста ќе биде дополнително опремена со поквалитетна кожа, спортски управувач, спортски седишта и брзиномер кој оди до 280 km/h. Дополнително ќе се нудат и системи за забава, како DVD или дигитален тјунер за телевизија.

По податоците за перформансите на овој модел, се чини најинтересен е и податокот за цената. За основниот модел идниот сопственик би требал да исплати 379.000 евра, а ако се изберат бројните опции, таа би пораснала и над 500.000!!!
















 

Copyright © 2009 selotejp.com