-->

Седан, купе, кросовер, караван? BMW 5 GT Concept!

Баварскиот производител не престанува да изненадува. Тие ја лансираа GT верзијата на серијата 5, која е спој на седан, купе, кросовер, караван итн. Сепак, од BMW го нарекуваат fastback wagon, односно караван со динамичен заден крај.


Замислата е убава, но според првите реакции на публиката, BMW 5 Gran Turismo Concept не е воопшто убав и динамичен автомобил. Затоа пак тој е полн со технологија позајмена од серијата 7, а има и задна врата за багажникот која може да се отвори со и без стаклото, која пионерски беше употребена во Skoda Superb.

Моторизацијата ќе биде целосно позајмена од идната серија 5, додека погонот ќе биде на задните тркала, со можност за порачка на X-Drive погон на сите четири.

Во внатрешноста на оваа чудна комбинација ќе можат да се сместат четири патници, сите во посебно обликувано анатомско седиште и со целосна опрема за задоволство на секој патник. Сите седишта ќе можат да се движат електронски напред назад, да им се навалува наслонот, ќе бидат вградени и масажери итн.


BMW се фали и со големината на багажникот, која изнесува 430 литри со задните седишта турнати во крајната задна положба, 570 литри со задните седишта во крајната предна положба и 1.650 литри со спуштена задна клупа.

Надворешно, за 5 GT може да се каже дека изгледа како Х6 спуштен за неколку сантиметри. Предниот дел е како на новата серија 7, додека задниот како да е некако нафрлен на целото возило, па го влошува динамичниот изглед. За да потсетува на купе, пак, инженерите му вградиле врати без рамки за стаклото.

BMW 5 Gran Turismo Concept ќе го “краси” штандот на баварската компанија на саемот во Женева наредниот месец, а серискиот модел би требало да го очекуваме наредната година. И покрај тоа што нема вистински конкуренти, на BMW 5 GT му предвидуваат битка со Mercedes CLS, Audi A7 и евентуално со Passat CC.




















 

Copyright © 2009 selotejp.com