-->

Видео: Ливерпул се подалеку од титулата


Неделното дерби во Премиерлигата помина многу лошо за екипата на Бенитез која успеа да извлече бод во последните моменти од мечот.

Изгледа дека навивачите на Ливерпул ни оваа сезона нема да дочекаат нивниот тим да ја освои титулата во домашното првенство, нешто што го нема направено од далечната 1990 година. Овој пат несовладлив беше Манчестер Сити, а Црвените на крајот мораа да се задоволат и со само еден освоен бод.

Првото полувреме не ни донесе погодоци, а веќе четвртата минута од продолжението ни донесе авто гол на несреќниот Алваро Арбелоа кој по ударот на поранешниот соиграч Белами успеа да си ја погоди сопствената мрежа. Иако заостануваше, тимот од Енфилд не прикажа подобра игра, а до израмнување дојде дури во 78 минута кога конечните 1:1 ги постави Холанѓанецот Дирк Кајт. Сепак, време за пресврт немаше, а најдобрата прилика во драматичната завршница ја пропушти Јоси Бенајун.

Покрај ремито на Енфилд, бодови поделија и екипите кои играа на Сент Џејмс парк, Њукасл и Евертон. Домашните можат да бидат задоволни со освоениот бод поради тоа што од 44 минута играа без исклучениот Кевин Нолан кој во потполно си го заслужи црвениот картон со крајно брутален старт над Виктор Аничебе.

Неделниот дел од 26 коло од англиската Премиерлига, кое денес ќе биде затворено со натпреварот помеѓу Хал и Тотенхем, започна на Крејвен Котиџ каде Фулам со 2:0 беше поуспешен од последно пласираниот Вест Бромвич. Домашните до првиот гол дојдоа во 61 минута кога Боби Замора го постигна првиот гол по 5 месечна пауза, додека конечните 2:0 ги постави Енди Џонсон во 71 минута од натпреварот. Гостите се обидоа да дојдат до намалување, но во самата завршница Роман Беднар не беше прецизен од белата точка.

 

Copyright © 2009 selotejp.com