„Еден за сите“ е слоганот под кој ќе се одвива кампањата на претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов.
Неговата програма која дополнително ќе биде промовирана ќе се заснова на заедништвото и на промоција на европските вредности.
- Сакам во нашата земја да постои целосен политички, меѓуетнички и социјален консензус за евроатланската перспектива на Македонија. Македонија да продолжи интензивно да работи на сите неопходни реформи, предуслов за влез во евроатланските структури. Важен чекор е и визната либерализација. Во претстојниот период нашата енергија ќе биде насочена, пред се, кон датум за отпочнување на преговори во ЕУ, бидејќи тоа е највисок приоритет на Македонија во 2009 година. Македонија нема да отстапи од курсот на градење на добрососедски односи кои се втемелени на отворениот пристап за решавање на сите прашања. Партнерскиот однос со сите наши соседи треба да биде основа за да ги надминуваме сите проблеми што постојат, изјави Иванов.
Претседателот, повтори Иванов, мора да биде моторот на евроатланските интеграции во Македонија, да ги поттикнува сите институции со полн капацитет да бидат посветени на таа цел и заеднички да делуваат, а не да влегуваат во конфликти.
- Обичните луѓе ми пренесуваат дека се заситени од лаги и од проклетства што некој се обидува да им ги наметне, луѓето се зашитени од негативните работи во транзицијата. Неопходни ни се луѓе кои опстојуваат на своите ставови. Затоа кампањата ќе биде можност да се промовираат сите позитивни искуства што ги имаме од нашата транзиција и на земјите што се членки на ЕУ, рече тој.
Прашан дали ќе излезе на телевизиски дуел, Иванов рече дека побарал јавно извинување од неговиот противкандидат Љубомир Фрчковски поради тоа што тој за него изнел лаги и невистини. - Кога јавно ќе се извини можам прифатам дуел со него, изјави Иванов додавајќи дека Фрчковски сака сето тоа што тој го правел да им го припише на други и да избега од својата одговорност.
- Сега е момент ако сака да биде одговорна личност и да стане претседател јавно да излезе и да каже дека користел лаги и интриги и невистини. Како да прифатам дуел со човек кој вели дека нема противкандидат и концепт наспроти себе. Како ќе прифатите дуел со човек кој користи кафеанска терминологија и конструкции од кафеани, а сака да биде претседател на држава, изјави Иванов. Според него, соочувањата во Македонија се претворени во гладијаторски игри во кои се пресметуваат личности, а не идеи.
Иванов, како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, кампањата ќе ја почне во Охрид, а со неа ќе заврши во Струмица.