Најнервозен од сите фудбалери на Барселона е Чави кој како единствен виновник за поразот на неговиот тим го посочи главниот судија Делгадо Фереиро. Главна причина за ваквите обвиненија е црвениот картон што судијата му го додели на Кеита во финишот од првото полувреме, а за кој сите во Барселона сметаат дека е доделен престрого.
““Ние не велиме дека се води кампања против Барселона, но синоќа загубивме поради околности на кои не можевме да влијаеме. Судијата комплетно го уништи натпреварот. Фудбалерите на Еспањол побараа црвен картон за Кеита и тоа го добија. Па, каде го има тоа? Пред таа ситуација ние доминиравме на теренот“, изјави Чави.
И другите фудбалери на Барселона го обвинуваат судијхата Фереиро иако е јасно дека и тие на дуелот против Еспањол одиграа далеку под своето ниво. “Исклучувањето го смени текот на играта. Ние мораме да зборуваме за судијата само затоа за да знаат дека не можат само да дојдат тука и да прават што сакаат“, рече Меси.
Лут е и Ето кој самоуверено најавува дека овој пораз ќе биде наплатен од следните противници на Барселона бидејќи, како што вели, неговиот тим е најдобар во Европа во моментов. “Имаме седум бода предност, а ако сакате да не победите, мора да се надевате на вакво судење против нас“, им порача Ето на противниците.
Топката малку се обиде да ја спушти претседателот на Барселона, Хоан Лапорта кој рече дека неговите фудбалери мораат да продолжат напред. “Треба да го заборавиме овој резултат колку е можно побрзо и да се потсетиме на сето тоа што сме го направиле во досегашниот дел од сезоната. Видов голема желба кај моите фудбалери, но работите, едноставно, не се развиваа добро за нас“, изјави Лапорта по мечот.