-->

Ван Бастен: Интер е денес она што некогаш беше Милан

Легендата на Милан, Марко ван Бастен повторно е во Италија каде вечерва со својот Ајакс ќе игра против Фиорентина во 1/16-финалето од Купот на УЕФА.



Патувањето на Апенинскиот Полуостров, поранешниот гол-мајстор го искористи за да го искритикува клубот каде ја доживеа најголемата фудбалска слава и со кој освои две титули во Купот на европските шампиони и еднаш беше прогласен за играч на годината во светот.

Во ерата на легендарното холандско трио Гулит-Рајкард-Ван Бастен, Милан беше несопирлив во цела Европа. Ван Бастен се уште е клупски рекордер во неколку категории, а можеби најважна е онаа според просекот на постигнати голови. На 147 натпревари, легендарниот голгетер постигна 90 гола и иако од завршувањето на неговата кариера поминаа 17 години, се уште е миленик на фановите на Милан. Сепак, како и тие, и Ван Бастен е разочаран од резултатите на клубот во последно време и фактот што во последните десет години има само една шампионска титула во Серија “А“.

“Секогаш е задоволство да се гледа кога игра Милан, но во последно време добивам впечаток дека фудбалерите се некако престари за да доминираат, барем на начинот на кој го правеше тоа мојата генерација. Ова е потполно поинаква екипа од онаа мојата која секогаш беше фаворит за освојување на титулата. Денес е тоа Интер што за мене е големо разочарување“, рече Ван Бастен на прес-конференцијата пред вечерашниот натпревар.

Последен пат Милан беше првак во 2004 година, а во моментов има дури 11 бода негатива во однос на лидерот Интер и се наоѓа на третото место на табелата во италијанското првенство.

 

Copyright © 2009 selotejp.com