-->

За надминување на кризата, да се извлечат парите од сламарица

Годинава кризата ќе извлече дел од заштедите надвор од банките, додека расположивиот капитал ќе го задржи во банкарските трезори.

Ова се прогнозите на централната банка за кредитната активност на македонските банки во текот на првиот квартал од 2009 година. Во овој квартал се очекува кредитниот раст да успори за да годинава ја заврши со 27,2 отсто.

Треба ли за време на светска рецесија парите да се држат во сламарица? Експертите кои ги праша Сител, коментираат дека станува збор за затворен круг. Помалку штедни депозити, значат помалку капитал на пазарот - недостигот на финансиски средства, пак, значи замирање на економската активност.

- За време на рецесија е добра идеја да се има дома заштеда. Но тоа значи и дека нацијата штеди, а кога во стопанството не се вртат пари, тогаш економската активност замира. Станува збот за циклус - вели Сем Вакнин, аналитичар.

Во коментарот на Народната банка стои и дека тешко ќе се врати доверба во меѓународните финансиски пазари, што дополнително ќе ја отежне состојбата на домашниот пазар. Монетарниот фонд пак во својата последна анализа, посочи дека поставеноста на пазарот не е најдобра, бидејќи во него доминираат странски банки.

- Јас не се согласувам со тоа. Целта на оваа Влада е да донесе странски капитал, вклучувајќи го и финансискиот сектор. Можеби на тој начин се отвораме за надворешни влијанија, но сепак тоа не мора да значи дека би имале и негативни ефекти - вели Зоран Ивановски, декан на Економскиот факултет на Европскиот универзитет.

Ригидноста во кредитирањето во текот на 2009 година ќе придонесе во намалувањето на јавната потрошувачка, како и во инвестициските активности, што значително ќе го намали економскиот раст. Светската банка во својата последна анализа им препорача на земјите за надминување на рецесијата да трошат.

 

Copyright © 2009 selotejp.com