Во рамки на посетата, вицепремиерот Ставрески ќе се сретне со министерот за економија на Украина Бодан Данилишин и заменик министерот за економија Валериј Пјатницкиј, со кои ќе разговара за унапредување на економската и трговската соработка меѓу двете земји.
На средбата ќе стане збор и за подготовките за претстојната седница на Мешовитата македонско-украинска меѓувладина комисија за економско-трговска соработка, на која ќе се разгледуваат прашањата кои произлегуваат од примената на Договорот за слободна трговија меѓу Македонија и Украина и Договорот за трговско-економска соработка. Ќе стане збор и за можноста за поголема искористеност и проширување на квотите за бесцарински извоз на македонски производи во Украина.
Предвидена е средба и со украинскиот министер за транспорт и врски Јосип Вински.
На вториот ден од посетата ќе се одржи Бизнис форум во Стопанската комора на Украина, на кој ќе учествуваат 20-тина македонски стопанственици од агробизнисот, преработувачката индустрија, производство на автомобилски компоненти, транспорт, градежништво, туризам и др. На Форумот, на кој ќе присуствуваат над 50 украински бизнисмени од сродни сектори, ќе се презентираат потенцијалите за инвестирање во Република Македонија, по што ќе следат директни контакти меѓу македонските и украинските фирми за воспоставување конкретна соработка.
Форумот е можност за промоција на Република Македонија пред украинската бизнис заедница како атрактивна бизнис и туристичка дестинација.
Вицепремиерот Ставрески во Киев ќе потпише Меморандум за соработка со Киевскиот Славистички универзитет во рамки на кој е предвидено отворање Македонски информативен бизнис центар, кој ќе има за цел афирмирање на економскиот потенцијал на Република Македонија во Украина.