Република Македонија 15 години покажува подготвеност за решение. Тоа не е исклучок ниту сега. Сметам дека проблемот лежи во грчката желба и скриена агенда преку спорот за името да го злоупотребат ова прашање за оспорување на нашиот национален и јазичен идентитет.
Сметам дека решение може да има и тоа не балканско, туку европско доколку Грција европски пристапи кон овој спор.
Ова е коментарот на македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски на обвинувања од шефицата на грчката дипломатија Дора Бакојани дека Владата во Скопје „го избрала патот на национализмот, будејќи ги балканските сеништа од историјата“.
- Ако се говори за национализам на Балканот мислам дека Владата на Република Грција има многу посилни врски со истиот отколку што имаат европските влади во оној дел на Европа кој се смета за основоположник на европската идеја. Ние не бараме ништо повеќе освен еден европски однос од Република Грција, која се претставува како европска земја, кон еден помал сосед и почитување на нашето основно достоинство без да бараме било што повеќе, истакна Милошоски.
За „процентуалната поделба“ на територијата на географска Македонија меѓу Република Македонија, Грција и Бугарија, во која Бакојани посочува нелогични податоци, Милошоски вели дека е апсурдна.
- Кој лаже тој и греши. Затоа таа грешка во проценти беше направена. Би сакал да апелирам до нашите грчки пријатели и колеги да се однесуваат европски кон нас како држава и како сосед, но и кон самиот спор. Има еден европски пример кој се вика Луксембург. Од територијата на Луксембург 45 проценти припаѓа на Белгија, 25 проценти на Големото Војводство Луксембур, 21 процент на Германија и остатокот на Франција. Но, ниту Франција, ниту Германија, ниту Белгија не го понижуваат, малтретираат и не го притискаат својот помал сосед Луксембург во однос на државното и национално име на Луксембург, ниту пак си дозволуваат луксуз да го оспоруваат правото на луксембуршкиот народ на самоопределување, самоидентификација и дефинирање на својот мајчин јазик, рече министерот за надворешни работи.
Токму примерот со Луксембург, според него, претставува европски пристап за решавање и на спорот за името меѓу Македонија и Грција.
Прашан дали последниот предлог на медијаторот Метју Нимиц за македонската страна е мртов или може да претставува решение, Милошоски рече дека Македонија учествува конструктивно во преговорите.
- Сметаме дека овој процес на преговори може да се исползува и за подигање на нивото на доверба бидејќи првата жртва на блокадата на Грција во Букурешт и прекршувањето на Времената спогодба беше ионака кревката доверба. Со таа цел на последната средба нашиот преговарач амбасадорот Јолевски и предложи на грчката страна сериозно да ја разгледа нашата иницијатива за создавање на заедничка мешовита образовно-историска комисија за да може одредени поглавја кои се контроверзни да ги разгледаме заеднички, добронамерно и стручно, а политиката да даде поголем простор на историчарите да се занимаваат со историја. Очекуваме дека оваа иницијатива ќе биде серозно разгледана од Атина, истакна шефот на македонската дипломатија.
Тој информира дека Грција вчера упатила протестна нота до македонската Амбасада во Атина поради неговото интервју во германскиот весник „Тагес цајтунг“ во кое повикува на почитување на правата на македонското малцинство во Грција.
Според него, нотата е неоснована бидејќи правата на малцинствата се универзални и државите не само што имаат право, туку имаат и обврска да ги промовираат и да се грижат.
- Јас не сум ниту првиот, ниту последниот македонски политичар или политичар во светот кој го констатирал фактот на постоењето на македонското малцинство во Република Грција. Впрочем, ако нашите изјави можат да се сметаат за пристрасни можеби најдобро би било самото грчко Министерство за надворешни работи да ги прегледа извештаите на грчкиот Хелсиншки комитет со седиште во Атина, во однос на македонското малцинство. На крајот на краиштата Македонците таму имаат формирано и политичка партија која тоа го декларира и која има свои поддржувачи, рече Милошоски.
Република Македонија, нагласи министерот за надворешни работи, смета дека нејзините постигнувања како држава и како општество се отидени многу подалеку од она што е постигнато во Грција и оти дека таа би можела многу да научи од нас за почитувањето на малцинските, јазичните и културните права на сите заедници без разлика на која националност припаѓаат.