-->

Фирмите работат со половина капацитет

Фирмите работеле со половина капацитет во текот на минатиот месец, се вели во извештајот на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Според оценките кои ги дале раководителите на претпријатијата во преработувачката индустрија од месец во месец состојбата на овие компании е се понеповолна. Она што е алармантно е што илјадници работни места зависат од нивниот опстанок. Статистичарите веќе забележуваат дека има зголемување на невработеноста во овие сектори.

Забележан е и голем пад на производството во текот на изминатиот месец. На него најмногу влијаат падот на странската побарувачка на македонски производи, недоволната домашна побарувачка, неизвесното економско окружување како и финансиските проблеми.

Од Стопанската комора велат дека постојат жаришта во неколку сектори во индустријата кои можат да се прошират и на другите гранки. Станува збор за металургијата, текстилната и кожарската индустрија и градежништвото.

- Ние ја следиме ситуацијата во овие сектори и испративме осум мерки до Владата. Со нив сакаме да им помогнеме на компаниите да ја пребродат сегашната состојба - вели Јелисавета Георгиева, генерален секретар во Стопанската комора.

На осумте предлог мерки за надминување на последиците од светската економска криза, од Стопанската комора се уште чекаат одговор од Владата. Засега македонските компании ќе имаат само одредени привилегии кај домашните тендери.

 

Copyright © 2009 selotejp.com