-->

Пишување за мозочна рамнотежа

Американските научници го потврдија она што многу автори на дневници, па и сериозни писателски трудови одамна го знаат - пишувањето, без оглед на квалитетот на напишаното, има терапевтско дејство, а испишувањето на сопствените чувства врз хартија е своевидна регулација на чувствата.

Пишувањето на блогови, песни, романи или дневници доведува до намалување на анксиозноста и тагата и има катарзично дејство, докажаа американските научници предводени од неурологот др. Метју Либерман од Универзитетот во Калифорнија. Во истражувањето на дејството на пишувањето врз човековата психа докажаа дека пишувањето ја засилува активноста на делот од мозокот одговорен за самоконтрола, а притоа го намалува емотивниот хаос и активноста на делот од мозокот одговорен за емоции.

Тимот на др. Либерман го спроведе истражувањето врз група од 30 испитаници чии телесни реакции при пишувањето за некој проблем, страв или фобија биле внимателно следени.

Од податоците добиени при истражувањето, тимот соопштува дека квалитетот на напишаното на никој начин не влијае врз неговото терапевтско дејство, резултатите се подобри доколку се пишува со пенкало наместо на компјутер, и дека е подобро да се пишува што поедноставно и без претерано опишување кое авторот може да го наведе на повторно преживување на проблемите кои ги опишува.

Др. Либерман најави и дека овие сознанија ќе ги користи во понатамошната пракса на лечење социјални стравови и фобии.

 

Copyright © 2009 selotejp.com