-->

Македонија заостанува во производството на органска храна

Прометот од органска храна во светот во 2007 година достигнал над 46 милијарди долари, а според последните официјални податоци на меѓународната организација на асоцијацијациите за органска храна ИФОАМ, таа се произведува на 32,2 милиони хектари.

Најголем дел од овие површини се во Австралија, Европа и во Јужна и Централна Америка. Од европските земји најмногу површини за органско производство имаат Италија, Шпанија, Франција, Англија и Германија. Во Македонија според податоците на Македонската асоцијација за органска храна, органското земјоделство не учствува ниту со еден процент од вкупните обработувани површини. Етикета со органски производ имаат само неколку чаеви во Македонија, која има усвоено Национална стратегија за развој на органското производство и во која работат неколку организации и асоцијации за органска храна.

Македонската асоцијација за органска храна посочува дека добар дел од заинтересираните потенцијални купувачи или странски инвеститори, заинтересирани за органски производи, упатуваат многу забелешки за несоодветниот пристап кон органското производство. Бидејки употребата на хемиски и синтетички заштитни средства во Македонија во одделни подрачја е минимална, македонското земјоделство може брзо да се трансформира во органско. Според проценките на асоцијацијата, во најлош случај, само каде што интензивно се прска, конверзијата може да заврши за најмногу три години. Но, проблемот е во тоа што недостига вистинска стратегија за организирање на домашните, а и странските, потенцијални производители. Почетокот на субвенционирањето на органското производство од страна на државата се покажува прилично неефикасен. Дел од парите кои државата ги трошела за промоција и едукација до сега не дадоа никакви резултати. Декларативните определби за ’’освојување на Европа со македонски органски производи’’ нема да придонесат за поинтензивен разој ниту во блиска иднина, а заостанувањето ќе биде се поголемо, зашто во другите држави од најблиското соседство на органското производство на храна му се приоѓа со поголема сериозност и со поефикасни решенија, смета Македонската асоцијација за органска храна.

Во групата со Македонија со мал процент се и Босна и Словенија, другите држави од поранешна Југославија, Бугарија, Романија, Молдавија и Белорусија. Односот меѓу земјиштето сертифицирано за органско производство и вкупната земјоделска површина е најдобар во Австрија и Швајцарија, каде што органските површини зафаќаат над 10 проценти од вкупно обработеното земјиште. Меѓу 5 и 10 проценти органски површини имаат Италија, Португалија, Шведска, Финска, Данска, Унгарија, Словенија и Грција.

Најголеми потрошувачи на органски производи се САД и Европа, а динамичен пораст на потрошувачката во последниве две години се регистрира и во земјите на Далечниот Исток.

 

Copyright © 2009 selotejp.com