Новата пешачка патека на Железниот мост во Велес ќе ја гради велешкото градежно претпријатие „Делта Пром“ од Велес, чија понуда од 78.049 евра е избрана за најповолна на тендерот на општината.
Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски на денешната прес-конференција информира дека општината добила услови за градба од Министерството за транспорт и врски и оти се чека одобрението за градба.
Раководниот тим на Македонски железници веќе дал согласност за поставување на конструкцијата на пешачка патека на Железниот мост преку кој сообраќа возот Велес - Кочани.
Патеката која ќе биде со бетонско - метална конструкција треба да почне да се гради во март годинава, а треба да биде готова идниот март.