Американскиот производител на автомобили Форд соопшти дека годинава ги имал најголемите загуби во својата историја, но дека управата на компанијата одлучила дека сепак нема да бара заем од владата.
Нето загубата во последниот квартал од 2008 година е 5,9 милијарди долари, а во текот на целата година изгубени се рекордни 14,6 милијарди. За разлика од своите конкуренти Џенерал Моторс и Крајслер, Форд сеуште нема побарано помош од американската влада.
Продажбата на Форд во САД во декември минатата година е намалена за 32%, а на Џенерал Моторс за 31% во однос на истиот месец од 2007 година. Форд во 2007 имал загуба од 2,7 милијарди долари, а во 2006 12,6 милијарди.
Управата на компанијата изјави дека нејзиното финансиско одделение Форд Мотор Кредит ќе врачи 1.200 откази, што значи намалување на работната сила за 20%. Но, и покрај загубите, управата на компанијата соопшти дека има "доволно ликвидни средства" да го финансира својот план за реструктурација.
Џенерал Моторс и Крајслер веќе примија милијарди долари итен заем од владата на САД.