-->

Читањето мисли сепак возможно?

Американските научници веќе подолго време работат внимателно на развој на техники кои би им овозможиле откривање на нечии најскриени мисли со помош на магнетна резонанца и анализа на добиените податоци.

Употребата на скенери при исчитување на мозочните сигнали се покажа прилично точна. Имено, научниците во 80% од случаите знаеле во која од понудените две слики гледаат испитаниците на кои се спроведени истражувањата.

Овој тест е само еден од низата тестови кои научниците со помош на магнетната резонанца (која инаку се користи во болниците) читале мисли користејќи радиомагнетно поле и радиобранови.

Стефани Харисон, која ја води студијата на Универзитетот Вандербилт во Нешвил замолила шест волонтери да гледаат во различни слики на скенерот - една со круг и хоризонтални линии, а друга со круг и вертикални линии преку него.

Додека ги гледале сликите, се покажало дека се активираат други делови од нивниот мозок кога ќе се промени сликата. Биле замолени да запамтат еден одреден круг и анализирајќи ги примероците од мозочната активност, научниците во голем дел од случаите погодиле за кој круг се работи.

Иако оваа студија не ги разјаснува тајните на читањето мисли, сепак им овозможува да одредат кои делови од мозокот се поврзани со краткорочната визуелна меморија.

И калифорниските научници спроведувале слични истражувања. Тие ги замолиле волонтерите да погледаат 1.750 слики и со помош на магнетната резонанца во 9 од 10 случаи погодиле на која слика волонтерите мислеле.

 

Copyright © 2009 selotejp.com