Во нашиот мозок се одвива борба на половите која во некои случаи може да предизвика цела низа на душевни болести, сугерира една нова теорија. Некои гени се исклучени.
Ембринот кој се развива добива наследни информации од двата родители, но тие се борат за своето место, и буквално како во изреката – победуваат појаките гени.
Битка без победник
Оваа битка помеѓу гените на мајката и на таткото се одвива и во мозокот. Доколку борбата е изедначена, се е во ред. Доколку едната страна стане доминантна, настанува душевна болест. Ова го тврдат британскиот социолог Кристофер Бадкок и канадскиот биолог специјалист за еволуција Бернар Креспи во теоријата која, според многу стручни мислења може најмногу да ја промени психологијата, од времето на Фројд.
Исклучени гени
Тие и за подрачјето на психичкиот развој, развиле теорија за потиснати гени. Според нивното мислење, за одреден дел од гените не важат законите за наследување. Нив ги наследуваме од една страна во активен облик, а од друга страна во неактивен – исклучен облик. Мајките на децата им предаваат „исклучени“ гени, додека од таткото наследуваме секогаш „вклучени“. Но, кај некои гени сепак тоа е сосема различно.
Несреќно наследство
Различното „исклучување“ на гените од страна на мајката и таткото, научниците го означуваат како „ imprinting “ (втиснување). До него доаѓа при настанувањето на половите станици – женските јајце клетки и машките сперматозоиди. Проблемот настанува во случаите кога потомокот од двата родители наследи вклучени, или исклучени гени. Многу од случаите завршуваат и со смрт, а и тие релативно поблагите кај човекот се манифестираат како ментална заостанатост или склоност кон заболување од канцери.
Мајка против татко
Вака наследените втиснати (imprinted) гени се важни и за функционирањето на мозокот. Човечкиот ум балансира помеѓу перцепцијата на луѓето, што е осигурано од гените во активна состојба наследени од мајката, и перцепцијата на предметите, како активност која на потомокот му е предадена од таткото. Ако дојде до доминација на генот од мајчинската страна, неговата активност може да предизвика психоза (биполарни пореметувања – манична депресија, шизофренија и сл.). Ако доминираат пак гените од таткото - доаѓа до патолошка неспособност за емпатија и разбирање на другите, како што е примерот со аутистите.
Затоа творците на оваа нова теорија аутизмот и шизофренијата ги сметаат за сосема спротивни страни од целиот спектар на душевни болести.