Македонскиот вицепремиер за европски прашања Ивица Боцевски синоќа во Париз оствари прва средба со својот француски колега Бруно Ле Мер, министер за европски прашања во француското Министерство за надворешни работи.
На средбата стана збор за европската перспектива на Република Македонија, понатамошните чекори на земјата кон евроинтегрирањето и визната либерализација, јави известувачот на МИА.
Боцевски информираше за процесот на европската интеграција на Македонија, а Ле Мер од своја страна уште еднаш ја потврди француската поддршка за евроинтеграцијата на земјава, како и за визната либерализација за македонските граѓани.
Ле Мер истакна дека од француска перспектива надминувањето на разликите во однос на името мора да се решaт што е можно поскоро со цел земјата да продолжи да ги решава крупните прашања коишто се однесуваат на интегрирањето во ЕУ.
Според Ле Мер, еден од начините како може да се забрза целиот процес на евроинтегрирање е успешно спроведување на претстојните претседателски и локални избори, при што истакна дека земјите-членки на ЕУ со особено внимание ќе го следат изборниот процес.
Утре вицепремиерот Боцевски ќе се сретне со министерот за имиграција, интеграција и национален идентитет Ерик Бесон. Акцентот на разговорите ќе биде ставен на напредокот остварен во однос на критериумите од патоказот за визна либерализација. Очекувањата се дека ќе продолжи француската поддршка за ставање на Македонија на белата шенген-листа.