-->

Излезе ’Дванаесеттиот дијалог’ од Том Петсинис


Неодамна, во едицијата с.р. (современ роман / своерачно), со поддршка на Министерство за култура на Р. Македонија, во превод од англиски на Игор Исаковски, Блесок го објави романот на Том Петсинис, „Дванаесеттиот дијалог“.

Во Дванаесеттиот дијалог, дијалозите ги водат: Мојсеј и Маркс, Верлен и Рембо, Хемингвеј и Кафка, Сервантес и Борхес, Хомер и Платон, Ниче и св. Павле, Кјеркегор и Леопарди, Ибзен и Стриднберг, Достоевски и Толстој, Гете и Клајст...

* * *
Од мигот кога ќе ја отворите оваа книга, ве пречекува чуден и несекојдневен свет. Ова е привлечно раскажување, изведено едноставно и со вештина.
Ник Ричардсон

* * *
Том Петсинис е многу софистициран писател. Романов е достоен наследник на неговиот претходен, Францускиот математичар, од многу критичари оценет како ремек-дело.
Сенди Форбс



Белешка за авторот

Том Петсинис е поет, драматург, романсиер, кој живее во Мелбурн. Роден е во Грција во 1953, а емигрирал во Австралија во 1959 година. Австралискиот совет му доделил Писателска стипендија и престој во библиотеката Б.Р. Вајтинг во Рим. Предавал математика и креативно пишување на разни високошколски установи. Во моментов предава на Универзитетот Викторија, каде неодамна докторира. Оженет е и има две ќерки.
Неговата прва драма, Суша, е прогласена за драма на годината 1993 од Центарот за уметности на Викторија, и била во најтесен избор за Книжевната награда на Премиерот на Викторија во 1995 година. Романот Францускиот математичар (објавен и на македонски, Блесок, 2007 година), бил во најтесен избор за Книжевната награда на Јужно-австралискиот фестивал во 1998 и за Наградата за проза на Премиерот на Нов Јужен Велс во 1999 година. Дванаесеттиот дијалог е неговиот трет роман, објавен во 2000 година. Неговата поетска збирка Четири четвртини во 2006 година е наградена со поетската награда Весли Мајкл Рајт. Автор е и на една збирка раскази, пет збирки поезија и три драми. Учествувал на домашни и меѓународни книжевни фестивали, меѓу кои и Струга, Ротердам, Маастрихт, Виленица и Дорнбрн. Преведуван е на повеќе јазици.

 

Copyright © 2009 selotejp.com