Модните крикови остануваат засекогаш крикови. Само што со тек на време знаат да прераснат од крикови во ужас. Да претпоставиме: баш умирате од желба на себе да навлечете кожна јакна со реси, да ги засукате ракавите на маицата или да ставите "потпунки" на рамената! Секако. Бидејќи ви е неизмерно битно останатата околина да ве избрише од списокот на населението кое е надарено со моќ на перцепција. Еве некои од "врисоците" на модата за кои се надеваме, нема да се вратат.
Кожњак со ресички
Можеби некогаш било фора да изигрувате локален Марлборо фраер од чија кожна јакна се цеделе реси на сите страни, но имаме добра вест - сега ефектот е далеку пожежок. Со ова кожно страшило можете да се спасите од птичји грип плашејќи ја секоја заразена птица која ќе има несреќа да ве види. За ефектот врз луѓето, не би коментирале воопшто. Да, во мода беше да си каубој во 80-те, но денес дефинитивно подобро поминуваат други модни решенија во споредба со кои вестерн-украсите делуваат неисплатливо и одвишно.
Завиткани ракави на маицата
Пак сме кај тие "луди" 80-ти, кога времето беше многу топло. Ама ептен мноооогу, кога еден од начините за разладување кај машката популација, особено на делот од телото со внимателно одгледувана "шишка под мишка" беше собирањето на ракавите на маицата до рамената. Не беше во прашање демонстрација на одгледани бицепси - тогаш никој не висеше по теретани, освен можеби Шварценегер, Сталоне и Чак Норис (упс, Чак не оди во теретана). Со така идиотски свиткани 10 сантиметри, добрите мамини синови се претвараа во опасни фраери. Фраерлукот од време на време се пушташе во првобитната состојба, па постојано требаше да се враќа назад :) Немојте.
Исшарани фармерки
Дали тоа некој случајно истурил варикина врз фармерки некаде во Турција или Италија од каде беа увезувани, па му било жал да ги фрли? Срамота, бидејќи да произведиш ново модно лудило на тој неодговорен начин е практично неопростливо. Поради некои непознати причини, на некој, некаде му текнало дека траперките исшарани со белило се тотално супер кул идеја. Епа, не се. Освен ако не се бавите со молерофарбарски работи па ви треба маскирно одело. Не треба да додаваме дека над вакви траперки, засуканите ракави на маицата ќе ви стојат одлично, не? :)
Хипи фармерки
Хипиците постоеа во 70-те. Денес имаат кравати, лимузини и златни часовници, а кому ќе му падне на памет да изигрува мало прекрасно дете на цвеќето и лошиот вкус и "случајно" се закити со фармерки, корални огрлици и можеби марама на глава, заслужува плата од најмалку 1.000 евра и присилен курс за бизнис менаџмент на Менхетн. Единствено, го сфаќаме носењето на вакви панталони доколку немате пари за чорапи, па сакате во широкиот хипи стил да го скриете делот под глуждовите...
Лилјак-ракави
Десетици илјади несреќници своевремено ги носеа овие феноменални модели, додуша без стегач околу главата. Кој знае, доколку сте замавнеле посилно со рацете во 80-те, можеби постоела голема можност да полетате. Блузите со ракави кој не започнуваат со шев под пазувите туку продолжуваат директно од струкот би послужиле како одлично дизајнерско решение за вреќи за кромпири. И замислете, сето ова се случувало во времето кога Бетмен сеуште беше само во стриповите.
Карирани кошули
Не сте канадски дрвосечач, ниту пејач на Перл Џем. Евентуално, сте погледнале премногу епизоди од серијата "Северно од 60-от напоредник" па ви паднало на памет дека дебела карирана кошула совршено би ја отсликала вашата состојба на духот. Знаеме, ги гледавте и репризите, нели? :) За украс во дневната соба набавивте препарирана глава од елен, купивте пластичен камин кој емитира звуци на дрво кое гори и "крцка", како и уште пар работи кои ќе ви овозможат посебна прилика за чувствување на неизживеаниот сон за логорување по канадските шуми. Океј. А сега, така, фино, преслечете се во нешто нормално.
Перничиња (потпунки) на рамењата
Можеби затоа што луѓето некогаш непрекинато другарски се "тапшале" по рамената па им требала амортизација? Кој би знаел, но ваквите перничиња го освоија женскиот род пред 20-тина години. Немало закачалка, хидрант или обесен костур кој овие меки модни ужаси не го претворале за момент во атлетско здание спремно за фрлање на кладиво или ѓуле. Ние и ден денес не сфаќаме, како тоа дамите во тоа време не ја сфатиле машкоста и скоцканоста кои ваквите додатоци ја даваат на рамењата?
Вреќасти панталони
За да не испадне дека сме лошо настроени само кон гломазните и незграпни идеи, фризури и маици од незаборавните 80-ти, на помош ни дојде раперската генерација која на почетокот на 90-те ни остави во наследство уште едно одвратно сеќавање - вреќастите панталони. Yo! Yo! Check it out!, не советуваа "надрканите" MC-ја додека по сцените и улиците играа извиднички трки во вреќи. Нашите дечки го примија овој моден додаток пола деценија подоцна - општо познатата временска дупка од која пати домашната култура - но за цела среќа, помина и тоа. Сега сите изгледаат како Дејвид Бекам пред десет години.