-->

Па фала богу и време беше да мрдне бројката од тие смешни 1.001 КС, нели? Со Centenary едицијата на Veyron, Bugatti не само што ги пробива границите во автомобилизмот, туку и си ја враќа титулата на најбрз сериски автомобил на светот – 420 km/h максимална брзина!


Со оваа едиција на Veyron, Bugatti ја прославува 100 годишнината од своето постоење. Токму пред еден век почнаа да се произведуваат едни од најексклузивните и најбрзите автомобили на светот, автомобили кои своевремено победуваа и на многу трки низ светот.

Денес Bugatti има само еден модел во понудата – еден од најбрзите автомобили во светот, Veyron. Со 1.001 КС и цена над 1.000.000 евра, овој авион на четири тркала е посластица само за богатите.


Сепак, како пробивањето на границата од магични 1.000 КС да не беше доволно – компанијата планира да пласира специјална посилна верзија, која со промените во електрониката и турбо полначите ќе развива 1.350 КС!

Со толку сила распределена на сите четири тркала, перформансите ќе бидат застрашувачки. До 100 km/h ќе се стигнува за нешто над 2 секунди, додека максималната брзина ќе изнесува 420 km/h!


Покрај измените во моторот, нормално, измени ќе има и во подвозјето а ќе има и некои аеродинамички додатоци кои ќе треба да помогнат за прилепувањето на подлогата. Измени ќе има и во внатрешноста, која ќе биде специјално изведена како што му наликува на јубилејно издание.

Премиерата, Veyron Centenaire ќе ја доживее на саемот во Женева. Цената во моментов не е позната, ниту тоа колку примероци ќе бидат произведени.

 

Copyright © 2009 selotejp.com