Државниот инспекторат за труд во текот на јануари 2009 година изврши вкупно 2.259 контроли од областа на работните односи и од областа на безбедноста и здравјето при работа, сооопшти денеска Министерството за труд и социјална политика.
При 1.461 инспекциски надзор, од кои 1.220 редовни, 120 контролни инспекциски надзори и 121 надзори по писмени барања од странки, затекнати биле вкупно 129 непријавени работници.
Отако Инспекторатот донел 44 решенија за забрана на работа на работодавачот пријавени биле 149 работници. Инспекторите за труд во јануари 2009 година донеле и 54 решенија за отстранување на повредите на Законот и други прописи, а поднесени биле и 53 барања за поведување прекршочна постапка.
Државните инспектори од областа на безбедноста и здравјето при работа, пак, во истиот период извршиле вкупно 798 инспекциски надзори, од кои 649 редовни и 149 контролни инспекциски надзори.
При тоа, донесени биле 186 решение за отстранување недостатоци од областа на безбедноста и здравјето при работа и една забрана за работа за деловни простории или орудија за работа во деловни простории.
Инспекторите од областа на безбедноста и здравјето при работа извршиле 26 увиди на самото место за потешки повреди на работа. Поднесени се и 18 барања за поведување прекршочна постапка за повреди на Законот за безбедност и здравје при работа и Законот за инспекција на трудот.